Се реконструира улицата „Даме Груев“.
„По долгогодишно чекање се реконструира една од главните улици на Град Скопје – улицата „Даме Груев“, вели репортерката на ТВ21.
Финансиските средства за реконструкција на овој патен правец, директорот на Претпријатието „Улици и патишта“ Саит Саити, вели дека се обезбедени од Град Скопје.
„Ние како компанија „Улици и патишта“ започнавме со реконструкција на улицата „Даме Груев“ со работен налог на Град Скопје за реконструкција на целата улица“, вели Саит Саити.
Но, уличката што води од „Даме Груев“ до Управниот суд и понатаму е полна со дупки. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека тоа не е во надлежност на Градот.
„Тоа не е во наши ингеренции, но доколку тоа го побара градоначалникот и ако не му е во план, можеме и ние да помогнеме“, додава Данела Арсовска.
Од општина Центар одговорија дека оваа уличка засега нема да се реконструира.
„Тоа засега не е предвидено со програмата. Доколку има некаква штета може да се санира, меѓутоа, за сега нема целосна реконструкција“, посочија од Општина Центар.
Улицата „Даме Груев“ е еднонасочна во центарот на Скопје, а со години е запуштена, заедно со уличката што води до новата зграда на Управниот суд.
