Ректорите се менуваат, УМТ и понатаму без објект 7 години само ветувања, градежните активности до никаде

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ректорите се менуваат, а Универзитетот „Мајка Тереза“ никако да добие објект. Професорот доктор Изет Зеќири дојде на местото на Азис Положани, а примопредавањето се одржа во зградата на Сојузот на синдикати. 7 години од основањето. Постојани ветувања. Уште во 2016 година беше кажано дека земјиштето кај касарната „Илинден“ ќе биде во служба на универзитетот.


-На Универзитетот „Мајка Тереза“ му е доделено земјиште кај касарната „Илинден“. Се прави подготовка на планот и со буџетот за 2017 година верувам дека ќе почне и изградбата на овој објект, вели Пиштар Љутфиу поранешен министер за образование.

Денеска, при заминувањето од функцијата, Положани извести дека конечно успеале да го обезбедат објектот.


-Со оглед на тоа дека го добивме земјиштето и објектите од војската, сега се отвора процесот за продолжување на концептот за изградба на универзитетски кампус, кој исто така претходно беше блокиран, бидејќи Владата не успеа да го експроприра земјиштето на претходната локација. Сега и таа работа е деблокирана и се отвора процес за нов универзитетски кампус, кој сигурно во наредните години Владата ќе го планира повторно, вели Положани.

Новиот ректор Зеќири ветува дека ќе работи напорно за ова прашање да се реализира.


-Наш приоритет е касарната „Илинден“ да се оспособи и да стане Универзитет „Мајка Тереза“, кампус со сите услови кои се потребни за еден универзитет и ние силно ќе работиме за ова да се реализира, вели Зеќири.

Градежните активности ќе стартуваат годинава, уверува првиот човек на МОН, Јетон Шаќири, без да открие колку средства се одвоени за ова намена.


-Наскоро се очекува административните процедури да бидат комплетирани и во текот на 2022 година ќе почнеме со изградба на комплексот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Тоа е прашање на месеци, прашање на недели, но годинава верувам дека ќе почне, вели Шаќири.

Студентите предавањата ги следат во просториите на зградата на Сојузот на синдикати и во Основното училиште „Битолски конгрес“.