На Ајфеловата кула ќе се започне со најголемо реновирање во нејзината 130-годишна историја, со цел да се најде во најдоброто издание за Олимписките игри во Париз во 2024 година.
Таа ќе добие златна нијанса.
Не само што ќе бидат отстранети сите 19 претходни слоеви на боја, туку и париската икона ќе остане без препознатливата кафеава боја што ја носи од 1968 година. Ќе биде заменета со жолто-кафеавата боја што Густав Ајфел лично ја сакал за неговиот споменик.

„На кулата ќе и се даде „златна нијанса“ на бојата што ја гледавме досега, точно на време за Олимпијадата“, рече Патрик Бранко Руиво, директор на компанијата што управува со кулата.
Реновирањето на кулата висока 324 метри, составена од 18.000 метални делови и прицврстени со 2,5 милиони споеви, ќе чини 50 милиони евра.
Отстранувањето на старите слоеви на боја е ризично поради присуството на олово, затоа работниците мора да се придржуваат до строгите здравствени протоколи.
Ајфеловата кула добива нов слој на боја на секои седум години, како и заштита од ветер, сонце, загадување и корозија. Работите треба да завршат до крајот на следната година.
„Зошто Густав Ајфел избра жолто-кафеава боја? Веројатно затоа што кулата би го рефлектирала целиот Париз, во кој доминираат варовнички градби “, рече Пјер-Антоан Гатие, главниот архитект за реставрација на француските историски споменици, кој одлучи да ја смени бојата.
