Недостиг на судии, административен кадар, финансиски ограничувања и активни судски спорови покажа ревизорскиот извештај за работењето на Врховниот суд во 2024 година.
Според Државниот завод за ревизија, во тек се 28 судски постапки во кои Врховниот суд се јавува како тужена страна по основ на права и надоместоци. Вкупната вредност на побарувања е 4,28 милиони денари, или околу 70 илјади евра.
Ревизорите предупредуваат и на сериозен недостиг на судии. Од предвидените 28 судиски места, на крајот на 2024 година биле пополнети само 11, додека во мај 2025 година бројот се зголемил на 14, вклучувајќи го и претседателот на Судот.
Дополнителен проблем е што Врховниот суд од септември 2023 година функционира без судски администратор.
Недостигот од кадар е евидентен и кај судската полиција. Од осум предвидени работни места, пополнети се само пет. Ревизијата утврдила дека поради тоа биле исплатени 781 час прекувремена работа над законски дозволениот максимум од 190 часа годишно по вработен.
Сериозни забелешки има и во делот на финансирањето на судската власт. За 2024 година, за судството биле издвоени 2,64 милијарди денари, што претставува само 0,3 проценти од БДП, значително под законски предвидениот минимум од 0,8 проценти.
Ревизорите оценуваат дека ваквата состојба може да влијае врз ефикасноста, независноста и стабилноста на судската власт, како и врз спроведувањето на неопходните реформи во правосудниот систем. објави Скопје1.мк
