Ревизијата откри милиони евра злоупотреби во ИЈЗ – „МВР и обвинителството не реагирале од 2024 година“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За извештајот за 2024 година за Институтот за јавно здравје, кој Државниот завод за ревизија го доставил до МВР во јануари 2025 година, директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, денеска ги повика новинарите и апелираше до Обвинителството да реагира на неправилностите откриени во Институтот пред две години. Повикувајќи се на ревизорскиот извештај, таа рече дека биле злоупотребени 5 милиони денари за додатоци на плати и 1 милион денари за гориво за службени возила, кои според неа биле користени од лица надвор од ИЈЗ.

„Склучувани се договори на дело со лица кои веќе биле вработени во Институтот со решение за работа. Станува збор за 20 лица кои, со образложение дека вршеле наводнување со црево и чистење на дворот, архивски работи – тоа се термините наведени во договорите – добивале месечни надоместоци од 44 до 88 илјади денари.“, додаде Марија Андоновска.

Во извештајот се наведува дека постоел несоодветен начин на наградување на вработените, како и набавка на непотребна медицинска опрема. Била купувана опрема која веќе ја поседувале, наместо онаа што навистина недостигала. Дополнително, биле набавувани електронски уреди како компјутери, лаптопи и мобилни телефони со пониски технолошки спецификации од оние што биле платени. Исто така, бил склучен договор за телекомуникациски услуги со двојно повисоки цени – наместо 80 илјади денари биле исплатени 1,5 милиони денари. Во извештајот се споменува и кабел долг 15 километри, набавен за 15 илјади евра, за кој не се знае каде се наоѓа.

„Документите беа доставени до Бирото за јавна безбедност, односно до Секторот за сузбивање организиран криминал и корупција, во единицата за корупција. По добивањето на информациите, тие дојдоа да преземат одредени досиеја. Процесот не беше едноставен, со месеци траеше разгледувањето и селектирањето на документите што им беа потребни. Колку што сме информирани, предметот бил проследен и до други институции, како Основното јавно обвинителство, но досега немаме никакви информации за понатамошна постапка.“, вели Марија Андоновска.

Сепак, Андоновска не соопшти вкупна сума за тоа колкава штета му била нанесена на буџетот на ИЈЗ во текот на 2024 година.

Да потсетиме, во втората половина од 2024 година директорка на ИЈЗ беше токму Андоновска, додека во првата половина од истата година директор беше поранешниот раководител на Институтот, Шабан Мемети. Тој за ТВ21 изјави дека сите тврдења на актуелната директорка се невистинити и дека таа отпуштила петмина Албанци од работа. Според Мемети, по една и пол година надлежните институции треба да утврдат дали навистина постоеле евентуални злоупотреби.