Мигрантите и денеска на дневен ред во политичките преписки на власта и опозицијата, сега со резолуција и контрарезолуција. Додека опозицијата обвинува за договор за мигранти со Велика Британија, ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ И ЗНАМ поднесоа своја резолуцијата со 9 точки за осуда на како што велат манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција.
„Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.под два се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти“, порача Никола Мицески.
Со оваа Резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот, кажа Мицевски. Документот се очекува утре да биде на дневен ред.
Опозицијата пак и денеска со обвинување дека цела недела власта одбегнува да ја потпише Резолуцијата во којашто експлицитно стои дека нема да се дозволи да се носат мигранти. Со контра Резолуцијата ДПМНЕ–ЗНАМ го потврди она што СДСМ со денови го говори: постои договор „мигранти за пари“- велат од партијата.
„Со договорени мигранти за пари ДПМНЕ ја предаде Македонија, ја продаде за пари, за скапи кредитi врз грбот на народот. Цела недела одбегнуваа да одговорат на нашите повици, одбегнуваа да ја потпишат Резолуцијата во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти. Наместо да застанат заедно со нас поднесоа контра Резолуција. Контра протести, контра Резолуција, лажни вести, закани со кривични пријави, исто како во време на Никола Груевски“, вели Богданка Кузеска.
Темата стана актуелна по пишувањата во британските медиуми. Премиерот Мицкоски изминативе денови ги негираше пишувањата и повика институциите да поведат процеси против опозициската СДСМ за ширење страв и паника кај населението со изјавите дека има договор за прифаќање на мигранти од Велика Британија. До Јавното обвинителство до овој момент не е доставена пријава од надлежните органи.
