Резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија не се најде на денешната пленарна седница. Иако пред почетокот на денешните расправи по другите предлог закони, тоа го побараа од опозициската партија, сепак претседателот на Собранието Талат Џафери не ја стави на дневен ред.
„Оваа резолуција е добар документ, затоа што би имала обврзувачко дејство, согласно волјата на пратениците, а за Владата би значело оцртување на одредени рамки во кои што таа смее да разговара, но со почитување на црвените линии во кои што се содржани националните и државните интереси на Република Македонија. Структурата на предложената резолуција е концепт зад кој политичките партии можат да најдат минимум простор за заедничките позиции, за националните и државните интереси“, истакна Никола Мицевски.
Но, претседателот на законодавниот дом, вели дека не може да стави некој предлог на гласање, доколку материјалите за тој предлог не се доставени до пратениците.
„Резолуцијата е примена во Собранието и е во изготвување да се распредели до сите пратеници. Согласно Деловникот, за актите за коишто не се распределени до пратениците не може да се отпочне собраниска постапка. Се надевам дека до наредната седница ќе биде спремен целиот материјал, така шт нема причина да го ставам предлогот на гласање. Тоа се постапките“, истакна Талат Џафери.
Резолуција за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а со неа како што вели опозицијата треба да се исцрта обврзувачка рамка за владата, со јасни граници до каде може да преговара со Бугарија. Резолуцијата декларативно ја подржаа СДСМ и ДУИ, но сепак Заев порача дека за владејачкото мнозинство таа не е прифатлива во моментов бидејќи до Собранието не е доставена со новото уставно име Република Северна Македонија.
