Потрошувачката кошничка е подготвена, доставена е до Економско-социјалниот совет и очекуваме позитивни сигнали од сите за да започне нејзиното пресметување, изјави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
„Потрошувачката кошничка не е алтернатива на минималната синдикална кошничка, таа едноставно ќе се базира на релевантни индикатори, не само од Државниот завод за статистика, туку и од сите други институции во државата – од супермаркети, пазари… Таа ќе ни биде потребна кога имаме економски кризи или одредени економски политики, за да ни даде насоки во креирањето на нови законски решенија, економски стратегии и одлуки“, истакна заменик-министерот.
Во однос на измените во Законот за нефер трговски практики, Ристески рече дека очекува тие да бидат усвоени во текот на летото. Тој повтори дека казните ќе бидат значително построги, а одредбите ќе ги опфатат и добавувачите.
„Се надевам дека законот до лето ќе биде испратен во Собранието, каде што треба да се усвојат предвидените измени“, додаде Ристески.
