РКЕ: Неправда во блок-тарифите за струја! Ристов: Зошто да се плаќаат 4 цени за ист производ?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Неправдата на постојниот систем е тоа што истата енергија се плаќа со различни цени“, изјави Ацо Ристов, претседател на РКЕ.

Нема логика да се плаќаат четири различни цени за истиот производ – електрична енергија, изјави новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов. Тој најави анализа на четирите тарифни блокови во сметките за потрошена електрична енергија за корисниците на регулираниот пазар. Рече дека ќе се разгледа можност за посправеден модел кој ќе важи еднакво за сите потрошувачи на струја.

„Енергијата е берзанска стока со една цена и тој што ја произведува ја продава по таа иста цена, а сè друго е социјална категорија што треба да се усогласи со државата. Не може да има 5 цени за ист производ. Не реков дека ќе се укинат тарифите, туку ќе ги разгледаме искуствата од досегашната примена на тарифниот систем и ќе направиме анализа од која ќе зависи што ќе правиме во иднина“, изјави Ацо Ристов, претседател на РКЕ.

Ристов кажа дека ова е само негово лично мислење, бидејќи Уставниот суд претходно ги отфрли иницијативите за укинување на блок-тарифите за електрична енергија. Но тој додаде дека треба да се разгледаат и искуствата од други држави за да се избегнат неправедни трговски практики за струјата.

„Моето лично мислење е дека сè треба да се отвори и ќе ја разгледаме оваа тема во наредниот период – дали ќе има блокови или не, или ќе бидат поинаку димензионирани. Ќе направиме анализа на досегашното искуство бидејќи блоковите функционираат веќе неколку години и тоа е валидно решение. Истовремено, од регионалните искуства ќе видиме како може да се направи нешто подобро во интерес на потрошувачите“, изјави Ацо Ристов, претседател на РКЕ.

Инаку, блок-тарифите беа воведени во времето на поранешниот претседател Марко Бислимовски со идеја дека оние што трошат повеќе – да плаќаат поскапо.