Колку повеќе трошите електрична енергија, толку поскапи сметки ќе плаќате. Се подготвува најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија, кој што е во завршна фаза, соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. Тој соопшти дека ќе се воведат блок тарифи за кои се прават последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет. За евтината тарифа потрошувачката ќе биде ограничена и нема да има блокови, додека највисокиот блок на цената за домаќинствата ќе биде приближна со пазарната.
На прашањето дали најголемите потрошувачи се тие кои користат електрична енергија за производство на крипто валути, Бислимоски рече дека овие потрошувачи немаат проблем со плаќањето на сметките.
Просечната цена по која ќе се продава електричната енергија оваа година ќе изнесува 240 евра за мегават/час, или неколку пати поскапо од пред енергетската криза. Според актуелните проекции, 53% од граѓаните би влегле во скапата тарифа и 47% во евтината тарифа.
