РКЕ со нова пресметка: Дизелот поевтин за 7 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нов бран поевтинувања на горивата стапува во сила од ноќеска, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати. Според пресметките на Комисијата, цените во просек се намалуваат за 6,61 проценти во однос на претходната одлука.

Причина за корекцијата е значителниот пад на референтните цени на светските пазари. Анализите покажуваат дека бензините поевтиниле во просек за 8,2 проценти, дизелот за 12,7 проценти, екстра лесното масло за 12,35 проценти, а мазутот за 11,35 проценти. Во исто време, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,0396 проценти.

Согласно новата одлука, која ќе се применува од 23 јуни 2026 година во 00:01 часот, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 84 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 86 денари за литар.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се утврдува на 80,50 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 79,50 денари за литар. Мазутот М-1 НС ќе се продава по цена од 42,291 денари за килограм.

Во однос на досегашните цени, ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 3,5 денари по литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 4 денари. Најголем пад има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, кои поевтинуваат за 7 денари по литар, додека мазутот се намалува за 3,932 денари по килограм.

Од РКЕ посочуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, што значи дека трговците со нафтени деривати имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени од утврдените.