РКЕ со нови цени: Дизелот поевтинува за 6,50 денари, бензините поскапуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Возачите од полноќ ги очекуваат нови цени на горивата. Иако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,06 отсто, бензините ќе поскапат, додека значително поевтинување има кај дизелот.

Од 1 септември во 00:01 часот, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 94 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по најмногу 96 денари за литар. Двата бензина поскапуваат за 1 денар по литар.

Од друга страна, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) поевтинува за 6,50 денари за литар, па новата максимална цена ќе изнесува 95 денари за литар.

Намалување на цената има и кај екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1, кое поевтинува за 3,50 денари, односно од полноќ максимално ќе се продава за 97 денари за литар.

Кај мазутот М-1 НС намалувањето изнесува 1,166 денари за килограм, па новата максимална цена ќе биде 44,410 денари за килограм.

Од РКЕ објаснуваат дека при новата пресметка референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат различни движења. Кај бензините е регистриран просечен раст од 2,212 отсто, додека кај дизелот има намалување од 8,237 отсто. Екстра лесното масло поевтинело за 4,389 отсто, а мазутот за 2,793 отсто.

Во пресметката влијаел и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во споредба со претходниот период бил понизок за 0,5477 отсто.

Нови максимални цени од 1 септември:

ЕУРОСУПЕР БС-95 – 94 денари/литар

ЕУРОСУПЕР БС-98 – 96 денари/литар

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 95 денари/литар

Екстра лесно масло ЕЛ-1 – 97 денари/литар

Мазут М-1 НС – 44,410 денари/килограм

Од РКЕ напоменуваат дека станува збор за највисоки утврдени цени. Трговците на големо и мало можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива и пониско од утврдените максимални цени.