Советот на родители на основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово бара промена на наставниот план и програмата. Овие поплаки ги доставиле писмено до надлежните институции, молејќи да се земат предвид затоа што децата се пренатрупани и резултатите се слаби.
„Имаме пренатрупаност со наставниот материјал, несовпаѓање со возраста на учениците и нивниот психофизички развој, што предизвикува стрес и пренатрупаност кај децата. Поставени се некои високи параметри за постигнување на успеси, кои реално се недостижни затоа што самиот обем на материјали е повторувачки… Од друга страна, нема практични вежби и нема постигнување на квалитетно образование и во овој аспект гледаме кои се пропустите на наставниот план и програма.“, вели Магдалена Барџиќ, член на Советот на родители.
Целта на родителите е на оваа иницијатива да се приклучат и советите на родители од други основни училишта на национално ниво, со цел да ги консолидираат своите барања со единствена цел наставните програми да се прилагодат на практичните услови во училиштата. Една од нив истакна дека во многу училишта недостигаат основни кабинети, додека наставните програми се на ниво на вештачка интелигенција. Хармонизацијата на наставната програма е неопходна, рече таа.
„За ова барање сакаме да повикаме и други родители да ни се приклучат, како и наставниците да го подигнат својот глас, бидејќи тие се најкомпетентни како педагози за децата. И за тоа што не можат да ги испочитуваат наметнатите наставни програми. Реформите во образованието треба да започнат од корените, а не од гранките! Не можат да се спроведат реформи ако не се обезбедени условите во училиштата, немаат кабинети, немаат наставни материјали, кои треба да ги има согласно наставните програми.“, изјави Катерина Величковска, член на Советот на родители.
Според Законот за основно образование, наставните програми со новиот концепт се воведени во употреба од 2020 година, но резултатите како во училиштата, така и на државните или меѓународните натпревари се многу слаби за учениците. И извештаите на PISA ги рангираат учениците од Македонија на дното од листата со значителни заостанувања во основните предмети. До сега нема никаква реакција од Секторот за образование на Куманово или од Министерството за образование и наука.
