Отворањето на градинките и училиштата извади на виделина уште еден проблем. Што ќе се случува со наставниците кои имаат деца под 10 години и со владина одлука се ослободени од работа? Мерката ќе остане на сила и натаму и покрај најавите дека во градинките недостига кадар.
„Голем број се со мали деца. Сега очекуваме усвојување на закон за да се знае точно дали се враќаат или не или останува според протоколот“, истакна Накије Сејдини.
Овој проблем не е толку очигледен во основните училишта, бидејќи се уште се спроведува анкетата за тоа што сакаат родителите, дали нивните деца да следат настава со физичко присуство или онлајн. Во ОУ 25 Мај само еден вработен има дете од претшколска возраст.
„Само еден вработен има дете кое оди во градинка. Но верувам и тоа нема да биде пречка за да доаѓа на работа бидејќи и така градинките се отвораат на 9 септември“, вели Фадиљ Муртезани.
Недостигот од кадар може да биде предизвикан и од една друга мерка, бидејќи од работа се ослободени и хронично болните. Училиштата се уште немаат бројка за тоа колку наставници се о хронични болести и треба да се вратат на работа за да држат настава, бидејќи се уште е во тек анкетата.
„Не го знаеме точниот број. До сега не се пријавиле бидејќи се уште тече анкетата за родителите за тоа во каква форма сакаат да се реализира наставата, со физичко присуство или онлајн“, додава Бурбуќе Имери.
Од Синдикатот за образование, наука и култура, предлагаат рокада меѓу наставниците. Тие кои ќе бидат физички присутни а се болни, да држат онлајн настава. Во меѓувреме здравствените власти го нудат ова решение.
Поради антиковид мерките во март беа ослободени од работа родителите кои имаат деца под 10 годишна возраст и хронично болните. Родителите беа ослободени од работа, бидејќи училиштата и градинките беа затворени заради спречување на ширењето на заразата со Ковид-19.
