Роднините скептични дека ќе има правда – одложено рочиштето за модуларната болница во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Роднините на жртвите од трагедијата во модуларната болница во Тетово, денеска беа повикани во судското рочиште како сведоци. Дел од нив велат дека не очекуваат правда, бидејќи во обвинението не е опфатен и поранешниот министерот за здравство и останатите.

„Ние роднините на жртвите сме дојдени за да видиме како функционира правдата, но како што се гледа во оваа држава нема правда. Обвинети се лица кои треба да бидат обвинети но во обвинението треба да има и други лица. Според нас треба да биде и екс министерот за здравство и останатите, бидејќи станува збор за долг ланец, но тука е државата. Избрале само три лица и рочиштето само се одложува. Ние како роднини само сме дошле да сведочиме што се случи во таа болница, инаку јас бев во соба број 3 каде почна пожарот. Пријателите беа во другите соби, таму ги изгубивме нашите најмили, но се надеваме дека ќе има правда“, вели Мунин Исмаили.

„Според државата, дали има потреба од меѓународна истрага кога една болница изгоре за 3 минути, ако ставате дрво во оган нема да изгоре за три минути. Нема логика, доколку бара меѓународна истрага. За три минути изгоре цела болница. Овде правдата е нула. За година и пол зошто се одложуваат рочиштата, направена е штета а виновниците бегаат на слобода. Кој ќе преземе одговорност за овие 14 жртви“, додава Ибиш Емини.

Денешното рочиште беше одложено за на 31 јануари. Два од тројца од обвинетите беа присутни, а обвинетиот Артан Етеми не беше присутен поради смртен случај. Пред судот повторно имаше демонстранти кои го поддржат обвинетиот лекар Бобан Вучевски. Според нив тој е невин и треба да биде прогласен за херој а не да биде обвинет.

Во модуларната болница  животот го загубија 14 пациенти кои се лекуваа од Ковид-19, а директорите се гонат за две кривични дела, поточно тешки кривични дела против општата безбедност и непочитување на здравствените прописи за време на епидемија, а докторот само за непочитување на здравствените прописи за време на пандемијата.