Рокас: ЕУ сака да ве види како полноправна членка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема никаков сомнеж дека Европската унија сака да ве види како полноправна членка, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, на која тема на расправа беше Клучните аспекти на процесот на европската интеграција. Тој не заборави да потсети дека земјава успешно ги исполни обврските од Реформската агенда, но посочи дека членството е клучно за забрзан развој. Сепак, нагласи дека е потребно постигнување резултати на полето на владеење на правото. 

„Секако со помошта на Европската делегација сметаме дека успешно може да ве подготвиме кон вашиот пристап кон Европската унија. Предусловите за земјите се отворени поглавја за преговарање, но исто така тие се многу строги во однос на имплементација на владеењето на правото и целосно усогласување“, порача Михалис Рокас. 

Претседателот на Советот за евроинтеграции, Венко Филипче истакна и дека власта врши влијание врз правосудството, а рече и дека власта намерно го запира европскиот пат, нарекувајќи го еден вид  „државен удар“.

„Со жалење можам да констатирам дека се лоши последните извештаи од страна на Европската комисија од сите официјални лица кои доаѓаат од Европската унија. Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на „српскиот свет“ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион.  Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар? “, порача Венко Филипче.

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали посочи дека Владата работи на клучните точки од стратегијата за реформи во делот на правосудството.

„Во судството има стратегија за реформата 2024 – 2028, новиот Закон за Судски совет и измените во Законот за јавни обвинители. Но предизвиците во судството се автономијата, обвинителството, кадровските и финансиските капацитети и опасностите од политизација“, вели Беким Сали.

Инаку, во Владата денеска се одржа состанок посветен на Реформската агенда на кој, како што информираат беа разгледани досегашниот напредок, тековните активности и следните чекори за навремено исполнување на предвидените обврски.