Без да ја имаат на увид, бидејќи текстот не бил лекториран, пред пратениците во Комисијата за надворешна политика беше презентирана реформската агенда. Спроведувањето на реформи ќе овозможува да се повлекуваат пари од Планот за раст на Европската Унија. За Македонија се предвидени 750 милиони евра до 2027 година. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова кажа дека реформската агенда ќе ја држи земјата во кондиција.
„Чинот на постепената, градуална европеизација значи процес на интегрирање во ЕУ, а процесот на интегрирање во ЕУ значи, логично, приближување до моментот на влезот.“, порача Гордана Сиљановска Давкова.
Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека претстојат реформи во областите на јавната администрација, зелената агенда, дигитализацијата, владеењето на правото, вложувањето во човечките ресурси и стопанството. Со нив, Македонија ќе биде подготвена за влез во единствениот пазар на Унијата.
„Планот за раст не е алтернатива на проширувањето на Европската Унија. Тоа е понуда којашто ќе го надополни и забрза процесот на пристапување.“, вели Михалис Рокас.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани оцени дека за остварување на реформите ќе бидат потребни колективни напори од целото општество и со нив ќе се исполнат критериумите за членство. Муртезани кажа дека допрва ќе треба Владата да одлучува кои проекти ќе бидат приоритет за финансирање кога средствата од Унијата ќе се префрлат.
„Ако не ги оствариме како што се предвидени, во декември и јуни, одредена неспроведена реформа може да закочи многу други реформи во други институции“, вели Орхан Муртезани.
Претседавачот со Комисијата, Антонијо Милошоски најави дека се формира и идниот состав на Националниот совет за евроинтеграции. Додека беше опозиционер со него претседаваше Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, а со промената на власта сега позицијата ќе ја заземе претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
