На регионалниот пат Кичево-Дебар, од село Извор до мостот „Боштов“ реализирани се само 50% од работите, односно отворањето на трасата. Пред една година кога овој пат го посети тимот на ТВ21, беа реализирани 23% од градежните активности, што значи дека за една година се реализирани само 27% од работите. Другата половина од работите останува да се заврши до крајот на ноември, кога и треба да се пушти во употреба. Директорот на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми, вели дека се очекува патот да биде завршен до крајот на годината како што е предвидено и со договорот.
„Од Извор до Дебар имаме околу 50% реализирани работи врз основа на динамиката и проектот и врз основа на потпишениот договор. Кај сите проекти има и непредвидливи работи, можат да се појават проблеми и во текот на реализацијата на работата, и вакви проблеми имавме и во текот на реализацијата во патот на Арбер“, вели Ејуп Рустеми.
Изведувач на градежните работи е компанијата „Илинден“ од каде велат дека се соочиле со проблеми во текот на проширувањето на трасата и успеале 50% од трасата да ја подготват за асфалтирање.
Овој проект е во вредност од 23,74 милиони евра обезбедени од ЈП „Државни патишта“.
