Роковите договорени, но не и каматите – премиерот Мицкоски на средба со банкарите и неделава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Грејс период до 3 години и рок на отплата до 15 години, ова е договорено на средбата на премиерот Христијан Мицкоски и со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска со банкарскиот сектор . Двете страни седнаа на заедничка маса во обид за изнаоѓање прифатливо решение за условите под кои бизнисот ќе го користат унгарскиот кредит од 250 милиони евра наменети за македонските компании.

„Во делот на рочноста заземавме заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до 3 години грејс период и до 15 години рок на отплата, бидејќи членките кажаа има поедини клиенти кои што сакаат можеби и пократок рок и така натаму, затоа велиме до 3 години и до 15 години рок на отплата. Тоа мислам дека го усогласивме и го прифативме“, рече Мицкоски.

Но, ако роковите се договорени, остана отворено прашањето за висината на каматната стапка по која бизнисот ќе треба кредитите да и ги плаќа на банките. Мицкоски рече дека за делот на каматите ќе се разговара во текот на нареднава недела, но не сакаше да каже за каков процент се преговара.

„Па не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја, од двете страни има изразена волја да бидат ставовите доближени и да бидат усогласени. Тие 3.25 проценти секако ние како Влада ќе ги платиме. Секако ние, можеби за некоја година би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Можеби ќе одлучиме некакви други механизми во зависност и интересот на државата. Целта е каматата која што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска“, рече Мицкоски.

Македонија зеде кредит од унгарската влада во износ од 500 милиони евра. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми. Овие 250 милиони евра преку Македонската инвестициска банка ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.