На 16-ти јули градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, извести дека рушењето на куќите на булеварот „Благоја Тоска“ почнало и дека за еден месец се очекува процесот да заврши. Меѓутоа, три станбени објекти сѐ уште се таму, а жителите одбиваат да ги напуштат своите домови.
Екипата на ТВ21 го посети местото каде е предвидено да биде изграден булеварот. Еден од жителите иако не сакаше да зборува пред камера, рече дека нема да ја напушти својата куќа сѐ додека не се договорат за цената, бидејќи како што вели, понудената сума е многу мала.
-Сѐ уште не решија. Ни рекоа дека ќе средат, додека да средат да ни дадат дозвола да останеме, а потоа патот е слободен.
-Дали ви го исплатија надоместокот за куќата?
-Не, не, ниту исплата, ниту надоместок. Ништо. Сумата е многу мала, не е колку што им платија на другите. Не се согласуваме со таа цифра.
-Ако општината не ви даде дозвола и не ја покачи цената, ќе ја напуштите куќата?
-Не, нема да си заминам. Тука ќе живеам.
Претседателот на Општинскиот совет, Беким Мемети, вели дека постапката не била лесна, бидејќи требало да се решат имотно-правните прашања и да се обезбедат финансиски средства.
-Нормално, не беше лесно да се отвори, бидејќи не зависи сѐ и од нас како општина. Требаше да се изменат плановите, имаше избори, па требаше да се стават во прекин градежните активности. Проблем беше и исплатата, експропријацијата одеше бавно додека да ги обезбедиме средствата од Владата и општинскиот буџет. Дел од овој процес беше и легализацијата на имотот на луѓето што живееја во тие куќи и мораше да се среди документацијата. Сите тие куќи требаше да се урнат, но сега заврши и тоа. Она што неколкупати го нагласивме и јас, и градоначалничката сега стана реалност-вели Мемети.
Општина Тетово веќе 8 години ветува дека булеварот ќе биде изграден. Владата ѝ додели на општината 500 илјади евра за надоместок на имотот, додека за отворањето општинските власти добија грант од ТАВ-Македонија. Останува да се види дали Арифи ќе успее да го исполни ова ветување во текот на овој мандат.
