Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека „динамиката на војната се менува во корист на Украина“.
„Русија е во дефанзива – воено, економски, но и дипломатски. Но, како што покажаа последните напади врз Киев, Русија сè уште не покажува вистински интерес за мир, што беше и јасниот став на министрите денес“, изјави Калас.
Таа посочи дека министрите имале „многу темелна дискусија“ за тоа што Европа треба да бара од Москва во евентуалните идни преговори.
„Европа никогаш нема да биде неутрален посредник меѓу Русија и Украина, бидејќи ние сме на страната на Украина и ги браниме сопствените клучни безбедносни интереси“, нагласи таа.
Калас истакна дека безусловен прекин на огнот е „предуслов за какви било мировни преговори“, додавајќи дека Русија „мора да ги запре саботажните операции, кибер-нападите, мешањето во избори и нарушувањето на воздушниот простор низ Европа“.
Таа нагласи и дека „не може да има правно признавање на окупираните украински територии“.
И покрај критиките од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Калас повтори дека „мора да постојат и ограничувања“ за руската воена моќ.
Шефицата на европската дипломатија додаде дека „премногу држави продолжуваат да соработуваат со Москва, додека истовремено уживаат привилегиран пристап до европските пазари и инвестиции“.
„Европа мора поефикасно да го користи своето влијание кога станува збор за трговијата, инвестициите, пристапот до пазарот и партнерствата“, рече Калас.
Таа најави дека Европската унија веќе работи на нов пакет санкции против Русија.
