Русија забрани увоз на јаболка од Македонија – Гир: Русија со вакви одлуки се труди да демонстрира влијание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Русија од 1 декември го забрани увозот на јаболката од Македонија со изговор дека во нив се пронајдени кафеави бубачки.

Според информациите на руската Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор, штетата за нивното земјоделство од евентуалното ширење на овој инсект може да достигне и до две милијарди рубљи годишно. Но, засега не се знае колкава ќе биде штетата за земјоделството во нашава земја.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир рече дека Русија, не само во Македонија, туку и во многу други земји се обидува да демонстрира влијание преку носење вакви одлуки.

-Гледаме различни влијанија што се случуваат како резултат на неиспровоцираната руска војна и агресивната војна врз Украина. Ова влијание не се случува само на вашата земја, туку и во различни европски земји и во светот-рече Гир.

Но, ваквата одлука на Русија најмногу ќе ги погоди жителите во Преспа како најголеми производители на јаболка. Градоначалникот Јован Тозиевски, вели дека оваа ситуација дополнително ќе ја отежни производствениот процес во Преспа.

Инаку, според „Worldtopexport“, Македонија во 2020 година имала извоз на јаболка од 29 милиони долари, од кои дури 20 милиони за Русија. Но, лани е забележан пад на увезеното македонско јаболко во Русија за речиси 30%.