„Русино“ заглавена во долгови – во 2023 година треба да го финансираат општините на Полог

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Завршен е швајцарскиот проект за регулација на инфраструктурата на депонијата „Русино“, додека претпријатието „Русино Полог“ од 2023 година ќе треба да го финансираат општините и јавните комунални претпријатија. Тоа значи дека 9-те општини од Полог ќе треба да платат повеќе за секој тон фрлен отпад и ќе се зголеми цената за комуналните претпријатија. Градоначалникот на Тетово вели дека компаниите уште пред една година знаеле дека тоа ќе се случи и дека требало да планираат финансии за секој тон отпад што ќе го фрлат на оваа депонија.

„Сметам дека јавните претпријатија треба да го имаат во своите планови за следните неколку години, бидејќи оваа одлука е од пред една година и треба да работат за да се справат со тоа“, вели Биљал Касами.

Од друга страна, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека ќе треба да се размислува за зголемување на плаќањето за граѓаните за тоа да биде прифатливо за претпријатијата.

„Точно е дека по 31 декември мора да биде одржливо како регионално јавно претпријатие, но и општините мора да се заложат да се раздолжат и да ја зголемат исплатата за да може да функционира како што треба“, вели Арбен Таравари.

Освен тоа, градоначалникот на Гостивар вели дека Министерството за животна средина ќе треба да најде друга локација бидејќи депонијата „Русино“, како што е предвидено, треба да биде затворена во 2025 година, додека во 2026 година треба да се направи нова регионална депонија за општините на Полог.

 Во моментов, претпријатието „Русино Полог“ стопанисува со депонијата „Русино“, која всушност работи со загуба бидејќи некои од општините од полошкиот регион имаат долгови, како што се општините Гостивар, Желино и Јегуновце, додека сега општините плаќаат само 10 евра за секој тон фрлен отпад.