Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) спречи терористички напад во една од административните згради во Москва и приведе осомничен регрутиран од украинската специјална служба, соопшти Центарот за односи со јавноста на ФСБ.
Како што јави ТАСС, приведеното лице е руски државјанин роден 1972 година, претходно осуден за убиство, изнуда и грабеж. Тој планирал да активира импровизирана експлозивна направа на место со голем број луѓе, соопшти ФСБ. Според соопштението, осомничениот бил регрутиран од украинските служби во февруари 2025 година и имал задача да постави експлозивна направа со тајмер во една од административните згради во Москва, пренесува Танјуг.
По нападот тој требаше да биде префрлен во Украина за да учествува во борбите против руските сили. ФСБ запленила експлозивна направа тешка пет килограми на база на амонијак, како и паметен телефон што се користел за комуникација со сторителите.
Осомничениот ја признал вината и соработува со полицијата. Против него е покрената кривична постапка за обиди за терористички акти и незаконско ракување со експлозивни материјали, соопшти ФСБ.
