Рускоска: Собравме доволно докази за Зеќири – Советот на Кривичен суд утре ќе одлучува по жалбата за притворот на Зеќири

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најверојатно утре ќе има одлука по жалбата која адвокатот на Мухамед Зеќири ја поднесе за 30-дневниот притвор. Од Основниот суд Скопје 1 за ТВ21 информираат дека Кривичниот совет е формиран и тече рокот од 48 часа за донесување одлука.

Оттаму додаваат дека најверојатно одлуката ќе биде донесена утре.

Обвинителката Вилма Рускоска во интервју за ТВ 24 рече дека предистрагата за Зеќири во прибирање докази траела повеќе месеци, а започнала во втората половина на 2021 година. Утврдено е дека имало голем број незаконски постапки при што не е побарана согласност од Бирото за јавни набавки а донеле постапка за консултантска услуга во четири очи.

„Во предистрагата собравме навистина доволно докази кои се веќе на основи на сомнение за сторено кривично дело. Скоро милион евра се во прашање. Договорот бил склучен на повеќе од 700-ини илјади евра, а потоа им се доплатени уште сто и нешто илјади евра, така да некаде штетата на Буџетот е околу 54 или 57 милиони денари. Значи тоа се скоро милион евра“, истакна Вилма Рускоска.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека владеењето на правото важи за сите кои погрешиле па и за оние од власта и дека ако погрешил треба да одговара.

„Јас сум принципиелен, јас верувам во владеење на правото, владеењето на правото не може да биде половично. Не може ако јас сум на власт владеењето на правото да важи за другите но не за мене. Веројатно ќе треба долго време да сфатиме дека ова така треба да биде, дека независно кој каде седи, дека ако се згреши, без притоа да навлегува во пресумпцијата на невиност, затоа што не е докажано дали е згрешено или не е згрешено“, посочи Фатмир Битиќи.

Зеќири од петокот е во притвор во истражниот затвор во Шутка, откако Кривичниот суд го прифати барањето на Обвинителството за организиран криминал и корупција дека за него постои  отворена истрага за сомнение за злоупотреба на службена положба. Тој се сомничи дека склучил договор без јавна набавка за консалтинг услуги за Македонски пошти.