Русковска суспендирана додека трае постапката по поднесена кривична пријава, Муареми се повлече

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска беше суспендирана од функцијата, а Арафат Муареми вчера се повлече од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Рускоска и Муареми претходно јавно разменија меѓусебни обвинувања откако Oбвинителството изврши претрес во Управата за финансиска полиција.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како што информираа од Јавното обвинителство, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донел Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него. Јовески поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.

– Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, соопштија од Јавното обвинителство.

Директорот на Управата за финансиска полиција Муареми, пак, вчера информира дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување.

– Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вели во соопштението до медиумите од Управата за финансиска полиција.

Од Управата, исто така, посочија дека одлуката на јавниот обвинител дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и оти злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.

Муареми на почетокот на месецов најави дека ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“,  откако беше извршен претрес во Финансиската полиција.

По оваа најава шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Русковска ги повика сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави“.

Русковска во реакцијата наведе дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на Обвинителството, што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство.

– Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за да обвинители замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, нагласи тогаш, меѓу другото, Русковска.

Таа воедно побара и европската обвинителка Лаура Ковеши доколку е во можност да дојде и ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК, откако е таа на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот за Муареми.

На повикот на Русковска реагираа Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

-Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат, истакна американската Амбасада за Тв Телма.

Упатување прашањето да го решат надлежните органи изнесе и Делегацијата на ЕУ во земјава.

-Европската Унија внимателно ги следи сите случувања поврзани со меѓусебните неодамнешни јавни размени на обвинувања меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и смета дека – тоа прашање треба да го решат надлежните органи, се вели во одговорот до МИА од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Се додава дека спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за ЕУ.

-Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ, наведуваат од Делегацијата на Унијата.

Во одговорот се посочува дека постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат.

На повикот на Русковска тогаш реагираше и Муареми, кој побара од неа доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против него, а не да изнесува „празни и неосновани сознанија и информации, дискредитиријаќи ја во целост функцијата која ја извршува“.

– Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за „помош“ – нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има, вели Муареми во реакцијата.

Тој на брифинг со новинари на почетокот на месецов најави дека ќе поднесе кривична пријава против трите обвинителки за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“, појаснувајќи дека претставки до јавниот обвинител, до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет поднел поради начинот и незаконитоста во постапувањето на ОЈО ГОКК.

Според него, ОЈО ГОКК во барањето до Судот навело дека сторил кривично дело и оти располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело, а на денот на претресот заедно со наредбата за претрес му било врачено и барање за доставување податоци за тоа колку анонимни пријави се доставени до управата почнувајќи од 2018 година до денот на давањето на одговорот. Муареми тврдеше дека претресот во Финансиската полиција бил исклучиво и со цел да му се наруши личниот углед, угледот на Управата и да се попречи неговото работење.