Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес од самитот на НАТО во Анкара изјави дека новите американски напади врз Иран биле „апсолутно неопходни“, оценувајќи дека Вашингтон морал решително да реагира по, како што рече, кршењето на прекинот на огнот од страна на Иран.
„Кога имате прекин на огнот, а Иран во суштина го прекршува, мислам дека е апсолутно неопходно САД силно да реагираат“, рече Руте пред почетокот на самитот во Анкара, објавија британските медиуми.
Тој очекува сојузниците во текот на денот да ја потврдат својата позиција дека Иран треба целосно да го отвори Ормутскиот теснец за меѓународен превоз.
Зборувајќи за односите во рамките на Алијансата, Руте рече дека постои „целосна посветеност“ од американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, но дека Вашингтон, исто така, со право очекува европските земји-членки и Канада да ги зголемат трошоците за одбрана и да ги делат трошоците порамномерно во рамките на Алијансата.
Коментирајќи го наводното незадоволство на некои американски претставници од сојузниците поради нивниот став кон Иран, Руте оцени дека станува збор за „изолирани случаи“.
Генералниот секретар на НАТО се осврна и на прашањето за Гренланд, наведувајќи дека е во тек „добар процес“ во врска со ова прашање, но без да даде дополнителни детали.
