Сѐ уште нема договор меѓу СДСМ и ДУИ, неделава комплетирање на владиниот кабинет, Џафери чека на комисиите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште нема договор меѓу владините коалиционери за вториот и третиот ешалон на власта, иако премиерот Заев претходно најави дека на почетокот на оваа недела до Собранието ќе бидат доставени предлозите за замениците министри.  Тој рече дека веројатно до крајот на неделава ќе биде постигнат договор.

„Верувам дека до крајот на оваа недела ќе ги завршиме сите консултации и разговорите со потенцијалните кандидати за заменици министри за да можам како мандатар, сега веќе како премиер да ги доставам до Собранието на Република Северна Македонија за одлучување. Секако е процес во кој што се разговара со кандидати, се разговара со партнерите, сакаме да ги избереме најквалитетните од тоа што го имаме како понуда“, рече Заев.

Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, пред неколку дена рече дека ќе има размена на ресорите.

„Сметам дека ќе има размена меѓу двете наши партии, со што преземаме поголема одговорност за да го искажеме нашиот капацитет и новите задачи“, вели Груби.

Закочено е и формирањето на собраниските комисии, поради што парламентот не може да работи. Собранискиот спикер Талат Џафери се уште го чека договорот на партиите за да може да ја свика оваа седница. Но од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие ги доставиле предлозите а единствена пречка за формирање на комисиите е што нема предлози од владејачкото мнозинство.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена го даде својот дел од предлозите за комисиите и работните тела во Собранието. Кој е проблемот и застојот и каде има проблем владејачкото мнозинство за договор помеѓу нив, кој која комисија да ја води и на кој начин функционираат ќе побарате одговор од нив.“, изјави Мицевски.

Но договор меѓу коалициските партнери се уште нема. Неофицијално несогласување има околу претседателските позиции во Комисиите. Партиски извори велат дека најголем  проблем е Комисијата за европски прашања на која инсистира ДУИ, но водечката позиција ја бараат и од БЕСА. Комисиите не се формирани, но Заев тврди дека проблеми нема.

„И овде постои таа дебата, така што веруваме дека ќе се најде решение овие денови.“, вели Заев.

Се уште не се поделени ниту позициите во третиот ешалон на власта. Неофицијалните информации говорат дека новите директорски позиции кои се договорено за ДУИ се МЕПСО, Јавното претпријатие Државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, потоа М-НАВ и Агенцијата за лекови Малмед.