S.W.A.T инструктор ги обучува македонските полицајци – Уликс Ѓонај ги обучувал и американските полициски службеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светски познатиот воен инструктор, Уликс Ѓонај, кој ги обучувал најелитните светски полициски и специјални единици, денеска одржа обука за дел од македонската полиција. Во салата на Средното медицинско училиште во Тетово, Ѓонај на полициските службеници при МВР им ги  претстави најновите тактики што ги практикуваат американската и израелската полиција. Овие обуки, според него, се однесуваат на тоа како полицајците да се справат во ситуации на приведување луѓе и како да постапат кога приведените даваат отпор.

„Ова е доста нова програма што ја користи американската полиција, но и систем кој е комбиниран со уште два системи, американскиот и израелскиот, за да има професионален напредок. На полицајците што се дојдени тука од сите градови, со овој систем им се олеснува работата и овозможува полицијата да биде што попрофесионална при лишување од слобода на луѓе кои ги кршат правилата или законите на државата“, вели Уликс Ѓонај.

Според инструкторот на најпознатата SWAT единица, полицајците во Македонија се подготвени согласно програмата што им ја нуди државата, но системот што им го пренесува тој, е најновиот и најнапредниот во светот.

„Секоја земја има потреба од стручни обуки, не само оваа, туку и другите европски земји. Јас како SWAT инструктор во Америка, со програмите што ги носам во Европа, а кои сè уште не се дојдени, на полицијата ѝ се нуди подобрување на квалитетот. Ми се допаднаа овие момци. Тие се подготвени со програмите што ги нуди државата, добро, но секоја нова програма е добредојдена, особено американскиот систем, кој е еден од најновите и најмоќните, секако тука е и израелскиот систем“, вели Уликс Ѓонај.

Уликс Ѓонај е сертифициран во многу дисциплини и системи почнувајќи од израелскиот Commando Krav Maga – Инструктор од осмо ниво. Потоа, располага со сертификати и лиценци како експерт и инструктор од американскиот полициски оддел во неколку системи.