Американскиот државен секретар Марко Рубио нареди итно суспендирање на финансирањето на речиси сите програми за странска помош за 90 дена, вклучително и Украина, објави Politico, повикувајќи се на добро информиран извор.
„Наредбата се однесува на речиси сите постоечки програми, со исклучок на Израел и Египет“, се наведува во документот.
Од претставниците на Стејт Департментот се бара да издадат наредби за замрзнување на повеќето постоечки грантови за странска помош, според директивата испратена до сите американски дипломатски и конзуларни претставништва.
Според тројца сегашни и двајца поранешни функционери запознаени со новите упатства, новите насоки значат дека нема да се преземат дополнителни дејствија за распределба на средствата за помош на програмите што веќе се одобрени од американската влада.
