САД и Иран го читаат различно договореното околу нуклеарните инспекции и замрзнатите средства

НАЈНОВИ ВЕСТИ

САД и Иран во несогласување околу нуклеарните инспекции и замрзнатите средства во договорот за завршување на војната

Претседателот на САД, Доналд Трамп во вторникот изјави дека Иран се согласил на нуклеарни инспекции „засекогаш“, додека Техеран соопшти дека не направил таква отстапка во преговорите, отворајќи прашања за одржливоста на нивниот кревок мировен договор.

Двете земји, кои ја завршија првата рунда преговори во Швајцарија во понеделникот, исто така дадоа спротивставени верзии за финансиските поттици за Иран, контролата врз Ормутскиот теснец и паралелната војна на Израел во Либан – сите значајни елементи од рамковниот договор потпишан минатата недела со цел завршување на конфликтот.

Сепак, Трамп изјави дека преговорите со Иран се одвиваат добро. „Одлично се согласуваме“, рече тој на митинг во Пенсилванија.

САД исто така ги олеснија ограничувањата за патување на иранската фудбалска репрезентација на Светското првенство, дозволувајќи ѝ да отпатува од Тихуана, Мексико, до Сиетл два дена пред следниот натпревар.

Како знак за намалена домашна поддршка за војната, рејтингот на Трамп ослабна, додека Сенатот, каде мнозинство имаат републиканците, му се спротивстави и изгласа запирање на војната – главно симболичен потег што ги истакна поделбите во неговата партија. Анкета на Reuters/Ipsos покажа дека 35 проценти од Американците сметаат дека САД сега се во послаба позиција во однос на Иран отколку пред војната, додека 23 проценти веруваат дека позицијата е посилна.

Со гласањето во Сенатот со 50 гласа „за“ и 48 „против“ за поддршка резолуција усвоена од Претставничкиот дом овој месец, се покажа растечката загриженост дури и кај дел од републиканците на Трамп за непопуларниот конфликт што започна на 28 февруари. Тоа беше првпат двата дома на Конгресот да усвојат резолуција со која се бара претседателот да ги повлече вооружените сили од непријателствата согласно Законот за воени овластувања, иако не беше јасно какво влијание ќе има тоа врз конфликтот.

Иако изгледите за траен мир остануваат неизвесни, првичниот договор меѓу Вашингтон и Техеран овозможи повторно да се одвива сообраќајот низ теснецот, кој зафаќа околу една петтина од глобалното снабдување со енергија.

Трамп во средата изјави дека му наложил на Департментот за правда да ги испита нафтените компании бидејќи не ги намалуваат цените на горивото во согласност со падот на цената на суровата нафта. „Цените на бензинот треба многу побрзо да почнат да паѓаат од тоа што го гледам!“, напиша тој на социјалните мрежи.

Цените на нафтата паднаа за повеќе од 1 процент во средата, продолжувајќи го неделниот пад и приближувајќи се до најниските нивоа од пред почетокот на војната.

Инаку, договорот предвидува Иран да дозволи слободно движење низ теснецот во следните 60 дена, иако Техеран најави дека подоцна може да воведе такси или други надоместоци за бродскиот сообраќај.

Од друга страна, во заедничко соопштение во вторникот, Иран и Оман – кој ја контролира другата страна на теснецот – ги нагласија своите „суверени права“ во водениот пат и додадоа дека ќе соработуваат во управувањето со сообраќајот и поврзаните трошоци. Оман соопшти дека координирал со Меѓународната поморска организација за обезбедување привремен коридор за бродовите што сакаат да минат низ Ормутскиот теснец.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, за време на посетата на сојузниците во Заливот, кои се вознемирени од мировниот договор, изјави дека Иран нема да смее да наплатува такси во теснецот како дел од конечниот договор.

Договорот предвидува итен крај на војната, вклучително и во Либан, укинување на американските санкции кон Техеран и одмрзнување на иранските средства што се чуваат во странство. Исто така е предвиден инвестициски фонд од 300 милијарди долари за обнова на Исламската Република.

Во однос на спорното прашање со нуклеарната програма на Иран, самиот рамковен договор не поставува ограничувања за иранската нуклеарна програма – прашање што треба да се решава во следните 60 дена од преговорите.

Од една страна, Трамп тврдеше дека Иран се согласил да дозволи неограничен пристап на меѓународни инспектори до оштетените нуклеарни постројки. „Иран целосно и безусловно се согласи на највисоко ниво на нуклеарни инспекции во иднина (засекогаш!!!)“, напиша Трамп. Но, Иран негираше дека на разговорите воопшто се дискутирало за нуклеарната програма и истакна дека не се согласил повторно да ги покани инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Двете страни исто така се разидоа околу деталите за одредбата што ќе му овозможи на Иран пристап до средства што се замрзнати на странски сметки. Трамп рече дека одмрзнатите средства ќе се користат за купување храна и медицински материјали од САД, додека иранскиот амбасадор во ОН во Женева, Али Бахреини, изјави дека Иран сам ќе одлучи како ќе ги троши тие пари.

Вашингтон веќе се согласи да ги суспендира санкциите кон Иран на 60 дена, овозможувајќи му на Техеран да продава нафта и поврзани производи и да прима уплати за нив.

Паралелната војна на Израел против Хезболах во Либан исто така останува спорно прашање. Бахреини изјави дека договорот бара Израел да ги повлече своите трупи од Либан, додека Израел соопшти дека ќе задржи безбедносна зона во јужен Либан и ќе дејствува за да ги „неутрализира“ заканите против израелските војници и граѓани.

И додека Израел и Либан во вторникот ги обновија разговорите во Вашингтон, во израелските напади во јужен Либан загинаа две лица, соопштија службите за цивилна заштита и Министерството за здравство, по што Хезболах го обвини Израел за прекршување на прекинот на огнот, што во генерално се почитува од неделата.