Соединетите Американски Држави и Иран во четвртокот постигнале договор за продолжување на примирјето и за укинување на ограничувањата за пловидба низ Ормутскиот Теснец, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не го одобрил договорот, додека иранските државни медиуми тврдат дека тој сè уште не е финализиран.
Според четири извори блиски до разговорите, договорот предвидува продолжување на примирјето за дополнителни 60 дена, како и непречено одвивање на поморскиот сообраќај низ стратешки важниот Ормутски Теснец.
Во меѓувреме, преговарачите ќе продолжат да разговараат за посложените прашања, меѓу кои и иранската нуклеарна програма.
Изворите наведуваат дека разговорите се одвиваат во чувствителен дипломатски момент, додека Вашингтон и Техеран се обидуваат да избегнат натамошна ескалација на тензиите во регионот.
И покрај постигнатиот напредок, останува неизвесно дали договорот ќе стапи во сила без конечна поддршка од американскиот претседател, како и официјална потврда од иранска страна.
