САД не сакаат билатерални спорови во НАТО: „Русија може да го искористи чекањето за членство во ЕУ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американски функционери се надеваат билатералните спорови да останат надвор од НАТО Алијансата. Олтон Бјуланд од Директоратот за Европа на Пентагон, во интервју за Гласот на Америка, вели дека САД ќе продолжат да работат на зајакнување на односите меѓу земјите-членки на НАТО, меѓу кои и Северна Македонија и Грција. Коментарот следува откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека на претстојниот НАТО Самит во Вашингтон ќе го покренел прашањето за непочитувањето на Преспанскиот договор, а премиерот Христијан Мицкоски ќе бил непријатно изненаден. Воедно, од Пентагон побараа сите да се придржуваат до договорите.

„Ќе кажам дека САД се силен поборник и поддржувач на Договорот од Преспа и дека секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата.“, рече Олтон Бјуланд од Директоратот за Европа на Пентагон.

Бјуланд исто така повика сите засегнати страни, почитувајќи ги меѓународните договори, да направат сѐ што можат, за регионот на Западен Балкан да продолжи по патот на евроатлантска интеграција.

„САД отсекогаш биле силен поборник за евроатлантските интеграции на Западен Балкан. Ние продолжуваме да ги охрабруваме земјите да ги направат потребните реформи на тој пат и да се придржуваат до меѓународните договори. Мислам дека кога постои нетрпение од она што може да биде долг процес на интеграција, тоа може да создаде можности за разочарување, и Русија и другите малигни актери да шират дезинформации и да го искористат незадоволството на народот.“, рече Бјуланд.

НАТО Самитот во Вашингтон започнува во вторник, а делегацијата од земјава ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски. Тој претходно кажа дека надвор ќе го употребува името „Република Северна Македонија“, но не и дома во јавните настапи. На најавите од страна на Мицотакис, Мицкоски одговори дека ќе биде подготвен за непријатните изненадувања и подготвува документ во кој ќе биде напишано која страна колку обврски реализирала од Преспанскиот договор.