Соединетите Американски Држави планираат да подигнат обвинение против кубанскиот Раул Кастро, изјави функционер на американското Министерство за правда во четврток навечер.
Времето на евентуалното обвинение, кое би морало да биде одобрено од голема порота, сè уште не е јасно, но функционерот изјавил дека тоа би можело да се случи наскоро.
Потенцијалното обвинение против 94-годишниот поранешен претседател на Куба и брат на Фидел Кастро се очекува да се однесува на соборување на авиони, изјави истиот извор, кој зборувал под услов на анонимност.
Американски медиуми претходно објавија дека случајот е поврзан со смртоносното соборување на авиони во 1996 година, кои ги користела хуманитарната организација „Брадерс ту д Рескју“.
Претставници на кубанското Министерство за надворешни работи засега не одговориле на барањата за коментар, а ниту портпарол на американското Министерство за правда не дал изјава.
Администрацијата на Доналд Трамп ја опишува кубанската влада како корумпирана и неефикасна и настојува на промена на режимот. Новите потези доаѓаат во време кога Вашингтон врши зголемен притисок врз Хавана, вклучително и санкции кон земји кои ја снабдуваат Куба со гориво, што доведе до прекини во електричната енергија и економски проблеми.
Американското обвинителство во јужниот округ на Флорида веќе подолг период разгледува можни кривични пријави против високи кубански функционери.
Иако двете земји претходно годинава воделе разговори, преговорите наводно не напредувале поради тековниот енергетски притисок врз Куба.
Сепак, кубанската влада во четврток потврди дека имала состанок со директорот на ЦИА, Џон Ретклиф.
Според ЦИА, Ретклиф им порачал на кубанските претставници дека САД се подготвени за економски разговори доколку Куба спроведе „фундаментални промени“.
