САД повторно со напади врз Иран како одговор на нападот на Техеран врз бродови во Ормускиот теснец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Војската на САД соопшти дека во петокот извршила напади врз цели во Иран како одговор на нападот на Техеран врз трговски бродови во Ормускиот Теснец. Овие нови случувања претставуваат закана за кревкиот прекин на огнот постигнат меѓу Вашингтон и Техеран пред неколку дена.

„Силите на Централната команда на САД (CENTCOM) извршија напади врз Иран на 26 јуни како силен одговор на вчерашниот напад врз трговски брод кој минувал низ Ормутскиот Теснец“, соопшти американската војска преку социјалните мрежи.

Нападите се случија кратко откако претседателот на САД, Доналд Трамп, им рече на новинарите: „Ќе дознаете“, кога беше прашан дали САД ќе одговорат на пријавените напади со дронови од Иран на 25 јуни врз товарни бродови во теснецот.

Во објава на социјалните мрежи пред официјалното соопштение за нападите, Трамп напиша дека Иран лансирал четири дронови кон трговски бродови во теснецот. „Еден од дроновите директно ја погоди горната палуба на голем и многу скап товарен брод. Причинета е штета, но бродот можеше да го продолжи патувањето. Ние ги соборивме останатите три дронови“, напиша Трамп.

„На насилството ќе се одговори со насилство“, напиша потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс во објава на платформата Икс. „Иран потпиша договор за прекин на огнот. Ние го почитувавме. Ако имаат несогласувања околу тоа како се спроведува Меморандумот за разбирање (MOU), можат да се јават“, напиша тој.

Инаку, се очекува Иран и САД повторно да ги продолжат техничките преговори во Швајцарија по потпишувањето на меморандумот за разбирање, кој има цел да стави крај на војната во Иран и пошироко на Блискиот Исток, вклучително и во Либан.

Прекинот на огнот останува кревок, додека сите страни меѓусебно се обвинуваат за негово прекршување.

Иранските државни медиуми објавија дека проектил погодил област во близина на пристаниште во Сирик, на југот на Иран – регион кој често е цел на американски операции. Како одговор, Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека нивната морнарица нападнала американски воени цели во регионот, иако оваа информација не можеше независно да се потврди.

CENTCOM, пак, соопшти дека американските борбени авиони погодиле складишта за ракети и дронови, како и крајбрежни радарски станици, откако Техеран на 25 јуни го нападнал товарниот брод „M/V Ever Lovely“, кој пловел под знамето на Сингапур, со дрон-самоубиец.

„Неиспровоцираната агресија врз трговските бродови од страна на иранските сили претставуваше јасно прекршување на прекинот на огнот. Дополнително, опасното однесување на Иран ја поткопуваше слободата на пловидба во време кога сè поголем дел од трговијата се одвива преку овој витален меѓународен коридор“, се наведува во соопштението.

CENTCOM додаде дека нивните сили продолжуваат да обезбедуваат координација за безбедно минување и поддршка за трговските бродови што пловат низ теснецот.

Висок американски функционер за Радио Слободна Европа изјавил дека шест американски авиони извршиле напади врз четири цели во Иран, меѓу кои радарски инсталации и складишта за ракети и дронови во крајбрежниот регион на Сирик. Според истиот извор, целите се наоѓале долж јужниот брег на Иран во близина на Ормускиот Теснец и на островот Кешм.

На 26 јуни, иранското Министерство за надворешни работи предупреди дека безбедното поминување низ Ормускиот теснец не може да биде гарантирано без координација со Техеран. Слободата на пловидба низ теснецот стана едно од клучните прашања во напорите за постигнување долгорочен договор меѓу САД и Иран, откако Техеран ја затвори оваа поморска рута по американско-израелските воздушни напади претходно годинава.

Пред војната, околу 20 проценти од светското снабдување со нафта и гас минувало низ овој теснец. Ормускиот Теснец претходно беше блокиран од Иран, но неодамна повторно беше отворен додека Техеран и Вашингтон се обидуваат да договорат конечен мировен договор. Слични инциденти се случувале и претходно за време на прекинот на огнот, но сите страни ветија дека ќе го зачуваат општиот прекин на огнот.