Русија користи севернокорејски балистички ракети во Украина, се вели во новиот извештај на Пентагон. Извештајот се заснова на анализа на ракетни фрагменти и, според САД, ги потврдува широко распространетите тврдења дека Пјонгјанг испраќа оружје во Москва.
Извештајот на Одбранбената разузнавачка агенција на Пентагон ги анализираше сликите за да потврди дека фрагментите од проектилот пронајдени во јануари оваа година во украинскиот регион Харков се од севернокорејска балистичка ракета со краток дострел.
„Анализата потврдува дека Русија користела балистички ракети произведени во Северна Кореја во нејзината војна против Украина“, се вели во соопштението на агенцијата.
Јужна Кореја го обвини Пјонгјанг дека испратил илјадници контејнери со муниција во Русија. Ваквите пратки би претставувале прекршување од двете земји на санкциите наметнати од Обединетите нации.
Пјонгјанг и Москва ги зајакнаа своите врски во последните месеци.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун минатата година ја посети Русија и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ за руските медиуми претходно овој месец изјави дека посетата на Путин на Северна Кореја „се подготвува“.
Последен пат Путин го посети Пјонгјанг во 2000 година, само неколку месеци откако беше избран за претседател на Русија. Всушност, тој го запознал Ким Јонг Ил, таткото на Ким Џонг Ун.
Според санкциите на ОН, Северна Кореја не смее да врши тестови на балистичка технологија.
Но, во март Москва воведе вето во Советот за безбедност на ОН, со што го прекина следењето на прекршувањата на санкциите од страна на оваа организација.
