Државните институции изминатиот викенд биле мета на координиран и сериозен сајбер напад, насочен кон владините веб-страници и националниот портал за електронски услуги. Надлежните уверуваат дека безбедносните механизми навреме реагирале и дека нема компромитирани податоци.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ откри дека станувало збор за DDoS напад, при кој преку милиони барања бил направен обид да се преоптоварат системите и да се наруши нивната достапност.
Цел на нападот биле веб-страниците на Владата, министерствата и порталот uslugi.gov.mk. Според Андоновски, институциите брзо ја детектирале заканата и реагирале координирано, по што нападот бил ставен под контрола.
„Напади ќе има. Мора да бидеме будни. Како НАТО членка, мора да се однесуваме со највисока сериозност кога станува збор за заштитата на дигиталната инфраструктура и податоците што се дел од државните системи“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека при извршените проверки не биле утврдени украдени, избришани или инфилтрирани податоци, а безбедносните системи успешно ја спречиле заканата.
Како дел од заштитните мерки, системот бил привремено ставен во посебен безбедносен режим околу 20 минути, по што биле спроведени дополнителни проверки и скенирање. По завршувањето на процедурите, платформите повторно функционирале нормално.
Првичните анализи покажуваат дека нападите доаѓале главно од странство, преку прокси сервери, со цел да се прикријат трагите на напаѓачите. Случајот веќе е предаден на Министерството за внатрешни работи за понатамошна истрага.
Министерот нагласи дека сајбер безбедноста денес претставува прашање на национална сигурност и доверба во институциите, а не само технички предизвик.
„Ова беше сериозен тест за системот, но и доказ дека државата гради капацитети за брз, координиран и ефикасен одговор“, рече Андоновски, при што го пофали тимот на Министерството, владиниот CIRT и сите партнери вклучени во справувањето со инцидентот.
Од Министерството за дигитална трансформација најавуваат дека ќе продолжат со зајакнување на системите за сајбер безбедност преку Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028, како и преку развој на механизми за мониторинг и брз одговор на инциденти.
