Сали: Автопатот Скопје–Блаце е историска инвестиција што ги зближува граѓаните и ја поврзува нашата заедничка европска иднина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска присуствуваше на церемонијата со која беше означен почетокот на работите на автопатот Скопје–Блаце, проект од стратешко значење за инфраструктурното поврзување, економскиот развој и зајакнувањето на соработката меѓу Северна Македонија и Косово.

На церемонијата присуствуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, како и претставници на институциите и други гости.

Во своето обраќање, Сали истакна дека почетокот на работите претставува многу повеќе од инфраструктурна инвестиција, оценувајќи дека станува збор за инвестиција во поврзувањето на луѓето, семејствата, бизнисите и пазарите на двете земји.

„Со почетокот на работите на овој автопат го поставуваме и камен-темелникот на нашата заедничка, интегрирана и развиена иднина. По воспоставувањето на системот ‘One Stop Shop’, изградбата на овој пат значи дека Скопје и Приштина стануваат уште поблиски. Практично, на овој начин ја создаваме Европа уште пред да станеме членки на Европската Унија“, истакна Сали.

Тој нагласи дека автопатот Скопје–Блаце ќе овозможи побрзо и побезбедно движење, ќе го олесни транспортот и ќе создаде подобри услови за економски развој и регионална соработка.

Сали посочи дека добрососедството не се мери само со изјави, туку со конкретни проекти – со патишта што се градат, мостови што поврзуваат, граници што полесно се преминуваат и нови можности што се создаваат за граѓаните.

На крајот, тој изрази уверување дека овој проект ќе отвори нова етапа во соработката, во која економиите ќе бидат поповрзани, граѓаните поблиски едни до други, а заедничката европска перспектива уште поконкретна.