Вклучувањето на земјите кандидатки во европските механизми за заштита на демократијата и справување со хибридните закани беше во фокусот на обраќањето на првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, на работниот појадок организиран на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија.
Сали ја истакна потребата Македонија и другите земји кандидатки да бидат вклучени во Европскиот центар за демократска отпорност уште од неговото формирање, оценувајќи дека демократската отпорност е суштински дел од европската безбедност.
Тој посочи дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество се закани со кои се соочуваат и земјите членки на ЕУ и земјите кандидатки.
Според Сали, учеството во Центарот би ѝ овозможило на Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Тоа би придонело и за зајакнување на националните капацитети за справување со дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и за поддршка на независните медиуми и граѓанското општество.
Министерот информираше дека веќе се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество на земјата во Центарот. Министерството за правда е определено како координативна институција, а назначени се и контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот.
Сали нагласи дека Македонија има намера да биде активен учесник и придонесувач, споделувајќи ги сопствените искуства во справувањето со хибридните закани, а не само корисник на европската поддршка.
На крајот, тој повика на продлабочување на соработката меѓу Европската Унија и Западен Балкан, посочувајќи дека раното вклучување на земјите кандидатки во европските инструменти за заштита на демократијата може да придонесе за зајакнување на безбедноста, демократските вредности и европското единство.
