Сали нема намера да си поднесе оставка – „Мое разрешување бараат одредени индивидуи, не од огранокот“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според министерот за здравство, Беким Сали, не вреди ни да се одговара во врска со барањата на некои негови сопартијци од Алтернатива кои побараа негово разрешување. Вели дека партијата нема и немала поплаки во врска со неговата работа како министер и дека барањето за оставка доаѓа од одредени индивидуи.

„Не вреди да одговорам на ова прашање бидејќи огранокот од Чаир го негираше овој став и тие кои ја бараат мојата оставка се одредени индивидуи кои учествуваат во разни партиски тела и никогаш до сега не е изразено никакво незадоволство во партиските органи“, вели Беким Сали.

Пред неколку дена, дел од огранокот на Алтернатива во Чаир, јавно побара оставка од министерот Беким Сали. Прес конференција одржа Меритон Цивули кој претходно работел во МЗ, ако шеф на кабинетот на Сали, но пред две недели бил разрешен.

Неофицијално се дознава дека неговото разрешување следи откако Цивули побарал назначување на директори Албанци во клиниките и поголема застапеност на Албанците меѓу лекарите и медицинските сестри.

Од огранокот Чаир се оградија од барањето на, како што ги нарекоа, 11 активисти кои побараа разрешување на министерот Сали. Претседателот на огранокот Чаир Фатон Фазлиу објасни дека барањето нема врска со со огранокот туку е резултат на лично незадоволство.