Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа, организиран по повод Денот на државноста на Украина.
Во своето обраќање, министерот Сали истакна дека Северна Македонија останува цврсто посветена на поддршката на Украина, потврдувајќи ја својата поддршка за нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет во согласност со меѓународното право.
Тој нагласи дека нашата држава од самиот почеток на руската агресија обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка поддршка за Украина и ќе продолжи да го прави тоа во тесна координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.
Осврнувајќи се на значењето на Самитот, Сали истакна дека соработката меѓу Украина и земјите од Југоисточна Европа е од суштинско значење за зајакнување на регионалната стабилност, поддршка на обновата на Украина и изградба на побезбедна и по обединета Европа.
Во однос на европската интеграција, министерот Сали нагласи дека Северна Македонија, како земја кандидат со долгогодишно искуство во пристапниот процес, е подготвена да ги сподели своите искуства, експертиза и институционални капацитети со Украина во нејзиниот пат кон членство во Европската Унија.
Тој посочи дека Меморандумот за соработка меѓу институциите на двете земји претставува значајна основа за понатамошно продлабочување на партнерството и развој на конкретна соработка во поддршка на европската интеграција на Украина.
На крајот, министерот Сали повтори дека Северна Македонија ќе остане сигурен партнер и силен поддржувач на Украина во нејзините напори за мир, безбедност и членство во Европската Унија.
