Сали: Процесот на интеграција во ЕУ треба да се заснова на заслуги

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија и другите земји кои претендираат за членство во Европската Унија треба да го забрзаат процесот на реформи преку координирана работа меѓу владите, парламентите и политичките чинители, изјави денеска заменик-премиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, на меѓурегионалната средба во Скопје, на која учествуваа претставници од Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија, Европската комисија и меѓународни партнери.

Сали истакна дека сите држави очекуваат процесот на проширување да биде транспарентен, заснован на заслуги и на реални интеграциски резултати, кои придонесуваат за подобро функционирање на институциите, финансиска одржливост и поголема безбедност.

„Многу сме посветени на реформската агенда, која е составен дел од процесот на интеграција. Навреме ги исполнуваме чекорите и како држава сме подготвени за нови обврски. Предложивме околу 25 точки кои сме подготвени да ги спроведеме“, истакна Сали, додавајќи дека се очекува Европската комисија да ги потврди предложените мерки или да предложи дополнителни барања.

Тој истакна дека реформите не можат да се спроведат без активна улога на парламентите и без координација меѓу власта и опозицијата.

„Комуникацијата меѓу Владата, Собранието, власта и опозицијата треба да биде усогласена. Само со таков пристап можеме да се надеваме на подобро остварување на крајната цел, полноправното членство во Европската Унија“, истакна Сали.

Во однос на регионалната соработка, тој потврди дека на средбата учествуваат и делегации од Украина, изрази благодарност до Германската амбасада и ГИЗ за поддршката и истакна дека иницијативата има за цел да го забрза процесот на интеграција на деветте земји кандидати.