По пораките на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека следната недела започнува нов чекор за деблокирање на евроинтегративниот процес, првиот вицепремиер Беким Сали, во синоќешната емисија „Клик Плус“, соопшти дека се очекува да се одржи средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија во Софија, со цел интензивирање на комуникацијата меѓу двете влади. Според него, двете страни изразиле согласност за средбата, но Македонија сè уште ја очекува официјалната потврда за датумот и местото.
„На средбата што ќе се одржи, ако не грешам, во среда во Софија, министрите за надворешни работи ќе имаат првична средба во врска со интензивирањето на комуникацијата меѓу двете влади. Од наша страна, барањето беше прифатено во моментот кога беше изнесено, а и ние упативме барање за можна средба во Софија. Последните информации говорат дека и бугарската влада го прифатила таквото барање и се согласила за можна средба. Министерството за надворешни работи сега го очекува и официјалниот документ со кој ќе се потврди организирањето на средбата, како и времето и местото во Софија“, вели Беким Сали.
Во врска со изјавата на претседателката на Бугарија, Јотова, дека се подготвени за разговори, но без ултиматуми, Беким Сали вели дека Македонија не ѝ поставува ултиматум на Бугарија, туку бара секое барање и секоја обврска да бидат јасни и транспарентни. Според него, поставувањето нови барања по уставните измени би создало несигурност и дополнително би го одолжило процесот на европска интеграција.
„Ние немаме никаков ултиматум кон Бугарија. Досега сме се соочувале со условувања. Но, како што истакнав и претходно, подготвени сме да разговараме за сè што е транспарентно и јасно. Оставањето недоречености или простор каде може да се додаваат нови барања создава несигурност и кај нашите граѓани. Затоа што утре, ако ги направиме уставните измени, а потоа се додадат и други барања, тоа повторно ќе ни одземе одреден временски период. Така, во процесот на европската интеграција ние заостануваме само поради билатерализацијата на прашањето за интеграцијата. Сведоци сме и гледаме дека некои држави веќе нè поминаа во овој процес, имајќи предвид дека Северна Македонија беше на исто рамниште со Хрватска“, вели Беким Сали.
Македонија сè уште нема конкретен датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Владата истакнува дека европската интеграција останува стратешки приоритет, додека за уставните измени се бара поширока политичка одлука и гаранции дека процесот ќе биде јасен и предвидлив. Според Беким Сали, целта е деблокирање на процесот, но начинот на кој тоа ќе се постигне треба да биде усогласен меѓу страните и проследен со поддршка од јавноста.
