Сали за барањето правосуден испит да се полага и на албански јазик: Разговарав со Филков, но тој нема волја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, во емисијата „Клик Плус“, зборувајќи за барањето на студентите правосудниот испит да се полага и на албански јазик, истакна дека правата загарантирани со Уставот нема потреба да се повторуваат во секој закон или правилник, бидејќи тие треба автоматски да се применуваат од институциите.

„Ние велиме дека Уставот мора да се почитува и дека нема потреба во секој закон или во правилниците на различни институции да се запишува истото, бидејќи ако нешто е запишано во Уставот, тоа автоматски се инкорпорира во понатамошната практика на институциите. На ова ќе инсистираме и студентите ќе ја имаат нашата максимална поддршка.“, рече Сали.

Сали соопшти дека имал комуникација со министерот за правда, но дека од негова страна немало разбирање. Тој нагласи дека барањето на студентите има уставна основа и дека одбивањето не е поради недостиг на правни аргументи, туку поради недостиг на волја.

„Имав комуникација со министерот; за жал, немаше разбирање. Новинарка: Кога се случи оваа комуникација, оваа недела или порано? Денот кога ни пристигнаа материјалите, односно барањето на студентите. Жал ми е што Министерството за правда повеќе нема аргументи да го одбие барањето на студентите, бидејќи имав службена обврска и немав средба лице в лице, туку телефонски разговор, при што побарав ова барање да се почитува затоа што има уставна основа. Од одговорот заклучив дека нема волја – не станува збор за аргументи.“, рече Сали.

Министерот за правда побарал средба, но Сали вели дека ова не е политичко, туку правно прашање и дека не бара преговори или долги дискусии.

„Такви средби се одржуваат кога треба да се донесат политички одлуки. Ова не е политичко, туку правно прашање – нешто што е запишано и загарантирано претставува завршен процес. Нема потреба со часови да дискутираме за нешто што Уставот јасно го утврдува. Очекувам Министерството да размисли; ако не размисли, ќе постапиме поинаку. Ќе организираме средба за да го убедиме дека како министер за правда најнапред треба да го почитува Уставот, а потоа и да бара од граѓаните да го почитуваат.“, вели Сали.

Според првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, најјасниот и најдиректниот одговор до Министерството за правда ќе дојде од Народниот правобранител.