Самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват: Француско-германски нон-пејпер за постепена интеграција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Француско-германскиот нон пејпер во фокусот на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува во Тиват. Според овој документ Европската комисија треба да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции. Во него се наведува дека е потребно воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми. Франција и Германија предлагаат нов пристап ориентиран кон процесот, со што би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија. Премиерот Мицкоски имаше средба со германскиот канцелар Мерц на кој било разговарало за овој документ.

„Ова се моменти кога практично Европската унија односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив. Она што е наша задача како Влада е да тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено достоинството да не го изгубиме како што тоа беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во рамките на Европската унија.“, рече Мицкоски.

Бугарскиот премиер Румен Радев го повтори барањето за внесување на Бугарите во Уставот, како главен услов за членство на земјава во Унијата.

„Бугарија е подготвена да помогне на било која земја за членство особено за нашите браќа од Северна Македонија кои треба конечно да ги исполнат обврските од Преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го сменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес.“, изјави Радев.

Премиерот на Албанија Еди Рама смета дека полноправно членство, а не некакво партиципативно е најдобрата и најкоректната опција за земјите од Западен Балкан.

„Тоа е како да им кажете на децата, додека да пораснете ќе останете со соседите, а потоа детето ќе запознае руски мафијаш, друго дете ќе биде фасцинирано од кинеските кукли и кога ќе пораснат, повеќе не се подготвени да се вратат кај родителите“, вели Рама.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека проширувањето се базира на заслуги но дека процесот на проширување мора да се направи побрз и покредибилен.

„Ако земјата-кандидат спроведува реформи, таа мора да постигне напредок во затворањето и отворањето на поглавјата и кластерите на својот пат кон Европската Унија. И процесот на проширување мора да биде повидлив. Земјите-кандидатки мора да им ги објаснат на своите граѓани придобивките од проширувањето.“, изјави Фон дер Лајен.

Според најавите лидерите од регионот и претставниците на Европската унија покрај другото ќе разговараат и за Планот за раст при што се очекува ЕУ повторно да ја потврди својата целосна поддршка за европската перспектива на регионот.