Сарацин вели уставните измени се предуслов за ЕУ – „Со овој процес не се загрозува македонскиот идентитет“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уставните измени се предуслов и се дел од договорот со ЕУ, затоа истите треба да се спроведат, изјави во Клик Плус германскиот емисар за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Но дали земјава ќе успее во дадениот рок да ги направи уставните измени. Сарацин рече дека не може да се  обложи бидејќи секоја одлука што ќе ја донесе земјава треба да се почитува.

„Сметаме дека на маса има европски договор и дека мора да се прифати или да се гласа против. Но, нема да има други зделки на маса. Колку пратеници (во парламентот на Северна Македонија) ќе гласаат (уставни измени) и како, не е моја работа да оценувам. Но, велиме отворено и искрено, разговараме со сите! Се обидуваме да ги разберат нашите аргументи, заради европската интеграција, за заедно со Германија, Северна Македонија да тргне на ова патување“, вели Мануел Сарацин.

Сарацин рече дека Македонија изгубила доволно време и по своја вина и по вина на ЕУ, затоа нема веќе време за губење. Германија секогаш ќе ја почитува културата, идентитетот и македонксиот јазик, уверува тој.

„Многу луѓе во Северна Македонија имаат страв дека со овој процес се загрозува македонскиот идентитет, култура, македонскиот јазик, самото постоење на македонскиот народ како концепт. Јас можам да ви гарантирам вам и на целиот народ во Македонија дека за Германија тоа е важно. И го почитуваме. Ние го почитуваме македонскиот народ и култура. Ние го почитуваме народот на Македонија, државата на Северна Македонија“, вели Мануел Сарацин.

Сарацин исто така рече дека се свесни дека довербата во ЕУ не е иста, но упати повик земјата да продолжи да верува бидејќи ЕУ е јасна стратешка опција на државата.