Од компанијата „Саубермахер“ се огласија за информациите кои ги објавивме, а се поврзани со плаќањето и доставувањето на задолжителната такса до нотар за неплатени сметки. Во објаснувањето велат дека постапката се поведува по барање на нивниот овластен адвокат до нотарот. Кај нотарот се составува решение за плаќање на долгот за комунални услуги како и адвокатски и нотарски трошоци.
Доколку и по нотарското решение долгот и натаму не се плаќа, или не се поднесе жалба во предвидениот рок, според компанијата, решението станува правосилно и се испраќа до локалниот извршител.
Од „Саубермахер“ се жалат дека откако почнале со работа, пред повеќе од една година, само 25% од граѓаните платиле за собирањето отпад.
Од друга страна, од тетовското комунално претпријатие „Шара“, на прашањето колкав процент граѓани ги плаќаат сметките кон нив и дали пратиле граѓани на нотар, ни одговорија дека не. Велат досега до граѓаните испратиле само опомени, а 65% ги плаќаат нивните сметки.
-Што се однесува до делот за испраќање на граѓаните кај нотар, тоа е од периодот кога бевме заедно со Саубермахер и тие ги испратија граѓаните кои не ги исплатиле нивните обврските кон претпријатијата Заубермахер и „Шара“, а ние само опоменувавме и сè уште немаме поднесено тужба од периодот откако се одвоивме и процентот на наплата кај нас достигна некаде 65%, изјави Валон Зеќири, ЈКП „Шара“.
Тетовци пред камерата на ТВ21 се пожалија дека биле пратени на нотар без да добијат никаква опомена, притоа додавајќи се принудени да плаќаат и сметки што не ги добиле.
