Квалитетот на обвинителската работа во големите судски предмети ќе се оценува преку доказите со кои обвинителите успеале да ја убедат судската инстанца во основаноста на обвинението. Државниот јавен обвинител Ненад Савески во ексклузивното интервју за „Клик Плус“ на ТВ21 посочи дека исходот од судските постапки ќе покаже колку успешно обвинителството ја завршило својата работа.
Одговарајќи на прашањето кои од актуелните судски предмети претставуваат најголем професионален испит за обвинителите, Савески ги посочи случаите „Адитив“, „Мазут“, „Онкологија“, „Државна лотарија“, предметот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, „Беланоца“ и случајот против кардиологот Жан Митрев, меѓу другите.
Тој нагласи дека сите овие предмети веќе се во судска фаза, односно за нив се водат постапки пред надлежниот суд. Според Савески, клучно за оценување на работата на обвинителството ќе биде дали обвинителите успеале да ги поткрепат обвиненијата со квалитетни и силни докази.
Доколку судот донесе осудителна пресуда, тоа би значело дека обвинителот успеал да ја докаже својата теорија на случај и да ја убеди судската инстанца врз основа на доказите. Од друга страна, ослободителна пресуда, доколку обвинителството остане на обвинението, би се сметала за неуспех во обвинителската работа.
„Доколку добие ослободителна пресуда, а јавниот обвинител останал на обвинението, тоа е нешто што би се ценело како неуспех“, посочи Савески.
