Савески со апел до граѓаните: Не молчете пред криминалот, пријавете го секое кривично дело!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот јавен обвинител Ненад Савески упати директен апел до граѓаните да не молчат доколку имаат сознанија за сторени кривични дела, нагласувајќи дека борбата против криминалот не е обврска само на институциите, туку бара и активно учество на јавноста.

Во ексклузивното интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Савески истакна дека граѓаните ги смета за важни партнери на Јавното обвинителство во откривањето и гонењето на криминалот.

„Јас во граѓаните гледам соработници во борбата против криминалот“, порача Савески.

Според него, соработката меѓу граѓаните и надлежните институции е од особено значење за навремено откривање на кривичните дела и утврдување на одговорноста на сторителите.

Тој ги охрабри сите што располагаат со информации за можни незаконски активности да ги пријават до надлежните органи, наместо да премолчуваат или да останат пасивни набљудувачи.

Пораката на државниот јавен обвинител е дека успешната борба против криминалот бара доверба, комуникација и соработка меѓу институциите и граѓаните.

Со апелот упатен преку „Клик Плус“ на ТВ21, Савески ја нагласи важноста на граѓанската одговорност во градењето поефикасен правосуден систем и зајакнувањето на владеењето на правото.