Савески во Клик Плус: Негативните извештаи треба да бидат мотив за подобрување на обвинителскиот систем

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот јавен обвинител Ненад Савески смета дека негативните оценки во меѓународните извештаи за состојбите во правосудството треба да бидат поттик за промени, а не причина за демотивација. Тој порачува дека обвинителскиот систем мора да се соочи со реалните слабости и да работи на враќање на довербата кај граѓаните.

Во ексклузивно интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Савески истакнува дека извештаите ја отсликуваат реалната состојба и дека нивните оценки треба да се искористат како можност за подобрување на функционирањето на институциите.

Според него, целта не треба да биде само подобрување на имиџот на државата пред меѓународната заедница, туку пред сè создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба.

Савески нагласува дека сака да се изгради обвинителство во кое и самите јавни обвинители и службениците ќе се чувствуваат горди што се дел од институцијата.

„Тоа не може да нè демотивира. Напротив, треба да нè соочи самите со себе и да ни биде мотив да се подобриме, не само поради угледот во меѓународната заедница, туку пред сè за нашите граѓани“, вели Савески.